Политика

Собранието утре ќе ја продолжи расправата за дополнетиот Предлог- буџет за 2023 година

19.12.2022 19:20

Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од расправата за Предлог-буџетот упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи, забележувајќи дека граѓаните се соочуваат со 20-процентна инфлација, нема доволно инвестиции во енергетиката...

Расправата за дополнетиот Предлог- буџет за 2023 година ќе продолжи утре во 11 часот. Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од расправата за Предлог-буџетот упатија критики за проекциите и планираните приходи и расходи, забележувајќи дека граѓаните се соочуваат со 20-процентна инфлација, нема доволно инвестиции во енергетиката, а се трошат многу пари за увоз на струја.

За пратенците од власта, пак, буџетот за следната година е одговор на последиците од светската економска криза, нуди поддршка за граѓаните и стопанството, ќе овозможи економски пресврт, развоен е и обезбедува стабилност и економски раст.

Буџетот за 2023 година според Дополнетиот предлог изнесува 324,8 милијарди денари, приходите се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари, кои е за 14,8% повисоко од 2022 година, при тоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари, кој ќе се финансира од домашни и надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9 %, а инфлацијата 7,1 %.

Согласно Деловникот на Собранието, расправата по Дополнетиот предлог буџет на пленарна седница трае најмногу пет дена.