Киви - кога и како да се употребува
Кивито, според содржината на диететски влакна, зад себе го остава јаболкото, има поголемо количество витамин Ц од портокалот, а во категоријата на овошја богати со калиум, ја надминува и бананата...

Сезоната на кивија трае од септември до ноември, иако се достапни во текот на целата година. Најквалитетни се во периодот помеѓу август и декември. Чувањето во хартиена кеса може значително да го забрза процесот на зреење.
При купување, бирајте ги плодовите со неоштетена лушпа.Зрели, траат многу кратко, доколку се чуваат на собна температура. Затоа, чувајте ги во фрижидер.
Свежите, вкусни и сочни кивија може да се јадат сами или во комбинација со други овошја. Измијте ги со ладна вода од чешма и нежно излупете ја лушпата со нож. Може да ги пресечете и на половина и содржината да ја јадете со лажичка.
Поради високата содржина на антиоксиданти и на витамин Ц, кивито има значајна улога во контролирање и подобрување на симптомите на астма, воедно подобрувајќи ја и респираторната опструкција при настинка кај деца. Консумирањето киви може да помогне во смирување на кашлицата и надразнетата слузница на носот, како и во подобрување на симптомите на хронична кашлица.
