Петровска: Во овој момент нема реална закана за државата
Во овој момент нема реална закана за безбедноста на државата – уверува министерката за одбрана Петровска. Тврди – не оставаме ништо на случајност, службите преземаат дополнителни мерки за гарантирање на безбедноста. Оперативниот тим треба да ја забрза и подобри координацијата на службите и на партнерските земји...

Во овој момент нема закана за безбедноста од дојавите за поставени бомби, но не се остава ништо на случајност и службите, секоја во својата надлежност презема дополнителни мерки за гарантирање на таа безбедност, изјави министерката за одбрана Петровска. Тимот што е формиран на координативниот состанок на безбедносно-разузнавачките служби треба подобро да ги координира активностите за откривање на дојавувачите на бомби, рече министерката.
„Идејата на тој оперативен тим е апсолутно да ја забрза и подобри координацијата помеѓу овие служби, вклучувајќи ги и службите на партнерските земји, со којашто очекуваме дека ќе се разреши ситуацијата“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Најважна е заштитата на клучната инфраструктура од кибернапади, вели Петровска. Уверува дека се следат сите обиди и навреме се реагира.
„Киберзаштитата на сите институции, на државните, но и пошироко, на сè што претставува критична инфраструктура е сериозен предизвик. Апсолутно секоја од институциите во своите рамки презема дополнителни мерки за гарантирање на киберзаштитата. Значајно е да се напомене дека имаме постојана комуникација и поддршка од стратешките партнери и во рамките на НАТО“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Министерството за одбрана е носител на новото законско решение за Центар за заштита на критичната инфраструктура од кибернапади, а додека тоа не стапи на сила, секоја од надлежните институции треба да преземаат мерки за заштита.
Ирина Гелевска
