САД

Конгресната комисија предложи кривично гонење на Трамп

20.12.2022 12:44

Доналд Трамп ќе се гони кривично. Истражната комисија на американскиот Конгрес со препорака, упадот во Капитол мора да се санкционира...

Комисијата на американскиот Конгрес која ја истражува улогата на поранешниот претседател Трамп поради упадот на демонстрантите во законодавниот дом, на 6 јануари 2021 година, предложи кривична постапка. Поднесен е предлог за обвинение за поттикнување бунт и заговор против Владата. Ова е првпат во историјата на САД, Конгресот да преземе ваква акција против американски претседател.

„Нашиот извештај детално ги опишува дејствата на бројните соучесници кои се согласија и учествуваа во планот на Трамп да ја наруши и опструира потврдата за изборната победа на претседателот Бајден. Веруваме дека Министерството за правда ќе може да формира многу поцелосна слика преку сопствената истрага, изјави Џејми Раскин“, член на Комитетот.

Специјалниот комитет во Претставничкиот дом едногласно се изјасни дека на Министерството за правда ќе му бидат предадени доказите кои би значеле најмалку четири кривични пријави: за спречување на официјална процедура во конгресот, попречување на правдата, заговор за измама на САД, заговор за давање лажна изјава и бунт.

Комитетот има докази дека поранешниот претседател Трамп планирал да прогласи победа и незаконски да повика на прекин на броењето гласови. Трамп собрал стотици милиони долари со лажни изјави дадени од неговите онлајн донатори. Некои од собраните средства биле искористени за ангажирање адвокати-додаде членот на Комитетот, Зои Лофгрин.

За препораката на Комисијата чија истрага траеше 18 месеци, беа спроведени повеќе од 1.000 интервјуа и собрани над милион документи. Комисијата смета дека Трамп свесно ширел лажни тврдења дека изборната победа му е украдена. Исто така вршел притисок врз членови на Федералната влада, Министерството за правда и потпретседателот Мајк Пенс.

Заменик претседател на Комитетот, Лиз Чејни изјави „Во последните 18 месеци, Комитетот ја препозна нашата обврска да направиме сè што можеме за да обезбедиме докази. Меѓу најсрамните заклучоци на оваа комисија беше дека претседателот Трамп седна во Овалната канцеларија, гледајќи ги насилните немири во Капитол Хил на телевизија“.

Утре, Комитетот, во кој има и двајца републиканци, треба да објави подолг извештај за нападот на 6-ти јануари 2021 година, во кој загинаа пет лица, а беа сторени речиси илјада кривични дела.

Маријана Димовска