СП Катар 2022 – фудбал со сиот сјај

19.12.2022 17:34

Меси ја освои тврдината по 16-годишна опсада. Мбапе отстапи за едно скалило, но со силна борба со епски размери. Аргентина и Франција оставија незамисливо наследство.

„Ветрот на промените“ од Русија пред четири години, се пресели од тундрите до песочните дини, од древноста на Москва до урбаноста на Доха, откривајќи ја магичната ламба што во себе го носеше заробен мундијалскиот фудбалски дух точно 1589 денови, од Лужниќи до Ал Кор. А потоа, експлозија од толку познати чувства, но никогаш со интензитет како во финалето меѓу Аргентина и Франција. Светот без здив може да заклучи дека фудбалот заврши вчера на Лужниќи. По таа величественост зарем можеме да очекуваме повеќе? И што повеќе?

Меси ја освои тврдината по 16-годишна опсада. Мбапе отстапи за едно скалило, но со силна борба со епски размери. Аргентина и Франција оставија незамисливо наследство. И го направија незаборавно 22-то Светско првенство во Катар. Во низата „за“ и „против“ зошто таму или зошто сега, фудбалерите на теренот го дадоа најдобриот одговор. Го одиграа најефикасниот Мундијал досега, а фудбалот се игра и се гледа за голови. Рекордните телевизиски бројки се одговор на понудата од зелениот правоаголник. 16 милиони луѓе вчера беа на Би-Би-Си, а не играше Англија. Во Аргентина гледаа сите, сами или колективно, во Франција исто така. Симболот на арапскиот свет - „пустинската роза“ го испрати својот мирис преку морињата и океаните насекаде. Корупцијата и скандалите ќе се разрешуваат, но фудбалот победи како идеја којашто создава спомени. Затоа, колку и да сме далечни можеме да ја препознаеме страста кај Аргентинците за третиот светски трофеј. Ќе се гордеат со големата победа, ќе го прогласат Меси за божество. Тоа го прават и голем дел фудбалски вљубеници, а од синоќа ќе го имаа најголемиот аргумент за својот став. Другите ќе потсетуваат на романтиката на Пеле или на бројките на Роналдо, но откако детето од Розарио ја крена „божицата“ дебатата ќе има помирен тек. Светот ќе му се поклони на Лео, дури и без да ги брои неговите рекорди. Тоа сега едноставно е така иако „златната копачка“ на Мбапе најавува дека во следната деценија може да „жонглира“ со „златната топка“ на Меси.   

Но Светското во Катар не беше само финале, ниту само двоец. Приказната за фудбалот доби нови раскажувачи. Мароканците го развеселија арапскиот, а му покажаа на африканскиот дел од глобусот дека фудаблот веќе не е само привилегија на два континента. Поделбата на „големи и мали“ е се понијансирана, па Јапонија може да ја победи Германија и Шпанија, Саудиска Арабија да и го загорчи животот на Аргентина. Бразилците на Нејмар го загубија слухот на фудбалската самба, Португалците добија казна за непочитување на својата икона Кристијано Роналдо, а Хрватите уште еднаш покажаа каква е силата на единството, на поврзаноста, на општата поддршка кога се претставува народот свој.

Затоа, во Катар и од Катар можеа да учат сите, секој во својот домен. Најголемата убавина е во тоа што мастилото од новата мундијалска страница нема да се исуши уште долго. Исто како нашиот фудбалски занес. А и желбата да гледаме фудбал на македонски јазик! Можеби! Ќе провериме за 4 години.