Македонија

Патот кон осум горнорекански села, петти ден непрооден

21.12.2022 12:16

Обилните врнежи од дожд го урнаа мостот од рекла Радика. Поголем дел од мостот е урнат и прекриен со наноси од земја. Жителите од ова населено место, не можат да пристигнат до своите работни места, а како најголем проблем ја посочуваат стоката која е без храна...

Петти ден осум села од горнореканскиот крај се отсечени, откако се урна мостот на река Радика, чиј водостој се зголеми по обилните врнежи. Пристап до селата има само пеш. Најтешко е за жителите од село Нистрово, кои чуваат стока, а храна за нив се носи со возила кои сега не можат да поминат по овој пат.

Од Општина Маврово – Ростуше, велат дека одржале седница на Советот, каде ја разгледале состојбата со патиштата во горнореканскиот регион. Донесени се краткорочни и долгорочни одлуки.

„На седницата донесовме одлука да се преземат активности за оспособување на патот. Веќе е ангажирана градежна фирма со која имаме склучен договор. Средствата ќе бидат обезбедени од Програмата за одржување на локални патишта и мостови. Зборуваме за привремено решение за да може да се пристигне до село Нистрово. А, за целосно и трајно решение ќе треба да се изработи проект и да се обезбедат соодветни средства, работиме и на оваа идеја“, соопштија од Општина Маврово Ростуше.

Ова не е првпат жителите од горнореканските села од Општина Маврово – Ростуше, да бидат отсечени од светот. Речиси секоја зима, патот до нивното село е блокиран поради поројните дождови или големи снежни наноси. Но, засега трајно инфраструктурно решение не се изнајде.

Зоран Димовски