Претставници на бугарските клубови од Македонија сослушани во бугарската собраниска комисија
Претставници на бугарските клубови од Македонија во бугарскиот Парламент, на средба со членовите на Комисија за политики за бугарите во странство. Се пожалија на, како што рекоа, систематско кршење на правото на слободно изразување и етничко самоопределување. Во Министерството за правда, пак, се подготвува ново законско решение за здруженија, но сè уште нема ниту драфт-верзија. Од правда за МТВ велат дека се очекува да биде готов најрано во март...

Претставници на бугарските клубови од Македонија на средба со членовите на Собраниската комисија за политики за Бугарите во странство. Членовите на клубовите од Охрид, Битола и Прилеп се пожалија на, како што рекоа, систематско кршење на правото на слободно изразување и етничко самоопределување. Побараа поактивна помош од бугарската држава и од европратениците во Брисел.
„Најголем проблем е тоа што иако во Собранието сме имале средби со сите политички партии, се останува само на зборување. Нема активност од ваша страна. Структурите во Македонија го користат тоа. Секој ден дејствуваат, секој ден нешто ново со некој македонски Бугарин“, изјави Владо Шатаров, Битола.
Заменик-претседателката на комисијата Белобрадова од Демократска Бугарија рече дека ќе се подготви детален извештај што ќе биде доставен до Европската унија.
„Најважно што треба да направиме е во новиот буџет да се предвидат пари за правна помош“, изјави Елисавета Белобрадова, заменик-претседателка на Комисијата.
По донесувањето на измените на Законот за здруженија и фондации во македонското Собрание, со кои се забрануваат имиња на контроверзни историски личности, бугарските клубови во Битола и во Охрид треба до почетокот на февруари идната година да ги сменат имињата, во спротивно ќе бидат затворени. Во Министерството за правда, пак, се подготвува ново законско решение, но сè уште ја нема ниту драфт-верзијата. Од правда за МТВ велат дека се очекува најрано во март да биде донесен законот во кој целосно ќе бидат имплементирани новите измени кои се на сила. Владата најавува формирање ново советодавно тело, со истите ингеренции, но најверојатно со помалку членови. По препорака на ад хок телото, не се дозволи формирање на бугарскиот клуб „Фердинанд Трети“ во Богданци.
Милчо Велески
