Зеленски во САД, Медведев во Кина, бараат поддршка од светските сили
Зеленски во посета на Вашингтон, Медведев во посета на Пекинг, Путин носи важни воени одлуки за 2023 година. САД ќе испратат воена помош од 1,8 милијарди долари за Украина. Кремљ со став-новите испораки на американско оружје ќе го интензивираат конфликтот...

Украинскиот претседател Зеленски во прва посета во странство по избувнувањето на војната во Украина. Во Белата Куќа ќе разговара со неговиот колега Бајден, по што во Капитол Хил треба да се обрати пред конгресмените и сенаторите.
Зеленски: Американска поддршка за Украина
„На пат кон САД за зајакнување на отпорноста и одбранбените способности на Украина. Конкретно, со Бајден ќе разговараме за соработката меѓу Украина и САД, ќе говорам во Конгресот, а ќе имам и серија билатерални состаноци“, напиша Зеленски на Твитер.
Конгресот се подготвува да гласа за новите трошоци што вклучуваат повеќе од 40 милијарди долари дополнителна воена помош за Украина. Белата Куќа ја гледа посетата на Зеленски гледа како „сигнал“ до Путин за постојаната американска поддршка на Украина.
„Ова е значајно од повеќе причини. Војната е во друга точка на пресврт. За Зеленски е тежок момент. Украинците сакаат да се уверат дека американската поддршка ќе продолжи бидејќи контролата врз Конгресот ќе се промени од демократи во републиканци во следните недели, и тоа е важен момент бидејќи Украина ќе добие 45 милијарди долари повеќе ветени за следниот дел од борбата“, рече Амар Махани, новинар во Белата Куќа за „Асошиејтед прес“.
САД ќе испратат воена помош од 1,8 милијарди долари за Украина во огромен пакет што првпат вклучува ракетни системи „патриот“. Во исчекување на одлуката на американскиот Конгрес, рускиот претседател Путин на средба со претставниците на одбраната и министерот за одбрана Сергеј Шојгу за воените цели за наредната година во Украина.
Во Пекинг, дипломатски средби на Дмитри Медведев.
„Разговаравме за продлабочување на стратешката соработка меѓу Кина и Русија, билатералната соработка, за економијата и индустриското производство. Разговаравме и за меѓународни прашања-вклучувајќи го, се разбира, и конфликтот во Украина. Разговорите беа корисни“, изјави Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
Кина се надева дека сите страни во украинската криза ќе се воздржат за наоѓање решение со политички средства.
Бојана Крстевски
