Македонија

Спасовски: Да се зајакнат капацитетите за сајбер безбедност

21.12.2022 13:38

Институциите мора да ги зајакнат капацитетите за да можат да се одбранат од каков било хибриден напад, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој нагласи дека институциите работат и веќе има резултати во откривањето. Дополни и дека хибридните закани се дел од испреплетените геостратешките интереси...

Институциите работат на откривање на зачестените дојави за бомби во земјава и веќе има одредени резултати, смета министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Појаснувајќи ја улогата на новоформираниот оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани, рече дека ваквата состојба покажува колку е важно да се зајакнат човечките и материјално-техничките капацитети на сите институции, со цел во иднина да се спречат хибридни напади.

„Имаме во Кавадарци, во фаза сме на расчистување се надеваме и дека ќе го расчистиме случајот на пријавување на бомби во Делчево, така што полека откривачката дејност и во овој дел се шири. Меѓутоа хибридните закани кои доаѓаат и сметаме дека се дел од испреплетување на геостратешките интереси токму на нашата териорија се напади за коишто треба сите заеднички да дадеме одговор“, нагласи Спасовски.

Првиот човек на македонската полиција кој денеска го посети Секторот за внатрешни работи Куманово, нагласи дека безбедносната состојба во североистокот е поволна и на задоволително ниво. Посочи дека во периодот јануари-ноември се забележани намалувања на кривичните дела за 13,3%, како и во областа на безбедноста во сообраќајот.

„Во периодот јануари – ноември во 2022 година споредбено со истиот период минатата година постигнато е зголемување во откривачката дејност на фалсификувани возила за 400%“, дополни тој.

Спасовски рече и дека годинава е забележано зголемување за 8,5% на бројот на откриени илегални преминувања споредбено со 2021 година. За 15% е зголемен и бројот на откриени случаи на криумчарење мигранти.

Елена Георгиевска