Политика

Ковачевски: Нема предвремени парламентарни избори, ниту реконструкција на Владата

21.12.2022 13:48

Премиерот Ковачевски не е изненаден од анкетата на ИРИ. Тврди, самиот факт, што е правена во период кога во земјава владеело хистерија за прифаќањето на европскиот предлог за почеток на преговори, влијаело на перцепцијата на граѓаните...

Не е изненаден од анкетата на ИРИ, која покажува сериозен пад на довербата во власта и судството. Премиерот Ковачевски тврди дека самиот факт, што е правена во период кога во земјава владеело хистерија за прифаќањето на европскиот предлог за почеток на преговори, влијаело на перцепцијата на граѓаните. Вели дека завршила пред да се потпише договорот „Фронтекс“ на македонски јазик, кога од опозицијата се шпекулирало дека со предлогот, Македонците ќе го изгубеле својот јазик и идентитет.

Не сакајќи да коментира за рејтингот на останатите политичари, меѓу кои и експремиерот Груевски, за својот, вели дека е респектабилен со оглед дека се однесува на девет месеци раководење со Владата.

Премиерот го повтори ставот дека власта нема да оди на предвремени избори и отфрли било каква реконструкција на Владата.

Ковачевски одби да коментира и во врска со ниската доверба во судството и во обвинителството, бидејќи се работи за посебна власт во државата и како што рече, не сака да се враќа времето на тефтерите во судството. Најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна, растечката инфлација во цел свет се дел од факторите кои премиерот ги наведе дека исто така влијаеле врз перцепцијата на граѓаните.

Фиљана Кока