Мицкоски со критики до актуелната власт, бара предвремени избори
Под бугарски диктат нема промена на Уставот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски коментирајќи ја анкетата на ИРИ. Го повтори ставот дека опозициската партија нема да гласа за уставни измени под овие услови и без гаранција. За хибридните напади вели - системот ни е поразен поради неспособноста на Владата и нејзините институции...

Системот ни е поразен поради неспособноста на Владата и нејзините институции кои не знаат да се справат со лажните дојави за бомби – коментира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Поради неспособноста на актуелната власт потребни се предвремени избори. Вели дека власта сама произведува проблеми за да се одвлече вниманието на граѓаните.
За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема компромис и нема поддршка за отворање на Уставот без клучни гаранции од Бугарија. Под ваков бугарски диктат нема да дозволиме промена на Уставот вели Мицкоски, првин да добиеме гаранции по што некој следен парламентарен состав може да работи на тоа.
Предлог измените на Законот за добивка воопшто не се добри вели Мицкоски и најавува дека измените како опозиција ќе ги блокираат во Собранието. Идната Влада, вели тој и рамниот данок ќе го намали од 10 на 8 бидејќи на земјата и треба квалитетно стопанство.
Миле Ристески
