Регион

Барикади на северот од Косово, КФОР го анализира барањето на Белград

21.12.2022 14:38

Северот на Косово и натаму блокиран. КФОР го анализира барањето на Белград за враќање на војската. Поради потезите на Приштина, на раб сме на воен судир-порача Брнабиќ...

Северот на Косово и натаму блокиран. Белград и Приштина со меѓусебни обвинувања. Премиерката Брнабиќ вели дека поради потезите на Приштина не се исклучува и воен судир, но додава дека сите треба да работат на зачувување на мирот и безбедноста. И српскиот министер за одбрана, Вучевиќ, потврдува дека ситуацијата е тензична, но за среќа нема меѓусебни напади.

„Ситуацијата на северот на Косово е напната и драматична. Она што е позитивно, немаше никакви физички контакти на двете страни и нови напади на српската заедница, што за жал, не можеме да исклучиме дека нема да се случи во наредните часови или денови, пред сè поради изјавите од Албин Курти, а за жал и од некои високи дипломатски претставници, што дополнително загрижува и ја усложнува оваа драматична ситуација“, изјави Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.

По барањето на Белград за враќање 1.000 припадници на војската се огласи КФОР. Оттаму велат дека се анализира барањето, но без конкретен одговор за натамошните чекори. Само информираа дека е зголемен бројот на нивните припадници и како превентивни мерки се изведуваат воени вежби.

Синоќа пак, две експлозии биле пријавени во Северна Митровица. Нема информации за повредени или материјална штета. Не е познато ниту што ги предизвикало.

„Кризниот штаб на српскиот народ“ најави дека за утре е закажан протест за кај барикадите во Рударе.

Марина Ристова