Македонија

Спасовски- Ониди: Со Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан ја отвораме вратата на поинтензивна соработка

21.12.2022 16:29

Спасовски изрази благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка за зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, а особено на Граничната полиција, преку обезбедување на советодавна помош, обуки, како и преку набавка на возила и специјализирана опрема...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со заменик генералниот директор за безбедност на Директоратот на Европската Комисија за миграција и внатрешни работи, Оливер Ониди, заедно со претставници од Европската Комисија. 

„Длабоко сум убеден дека преку исполнувањето на приоритетите зацртани во Акцискиот план ќе обезбедиме подобро управување со миграциските текови и поуспешна борба против организираниот криминал. Од друга страна, нашата заедничка соработка придонесува кон јакнење на нашите национални капацитети, но и кон имплементирање на европските стандарди во борбата против организираниот криминал и миграцијата. Имаме добра основа, но и политичка волја и капацитет тоа да го направиме. Во суштина, со  Акцискиот план ја отвораме вратата на поинтензивна соработка со Европската Унија, заснована на партнерски однос и меѓусебно почитување“, рече Спасовски.

На средбата беше истакната и воспоставената соработка со Агенцијата за азил на Европската Унија, со која беше развиен Патоказот за соработка за периодот 2020-2022. На крајот од средбата министерот Спасовски изрази благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка за зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, а особено на Граничната полиција, преку обезбедување на  советодавна помош, обуки, како и преку набавка на возила и специјализирана опрема за зајакнување на граничниот надзор, со уверување дека Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт заедно со сите соседи и земји партнери, а особено со ЕУ институциите, како стратешки партнер во исполнување на заедничките приоритети.