Македонија

Нов Дневен центар за деца со посебни потреби во Струга

21.12.2022 17:02

Со меѓународни донации и поддршка од општината, денес во Струга отворен Дневен центар за лица со посебни потреби во Струга. Конечно градот доби пристојно катче за згрижување, нега и едукација на оваа категорија деца...

Струга доби нов Дневен центар за децата со посебни потреби. Овие лица, конечно добија пристојно катче за згрижување, едукација и нега. Во објектот ќе бидат сместени 20-тина деца, за коишто ќе се грижат три воспитувачки и психолог.

Иницијативата е на стружанецот Ергин Борова, кој живее во Холандија, а се реализира со меѓународни донации, поддршка од општината и волонтери.

„Имаме спонзори од дијаспора, од Холандија и се трудиме сега да имаме што повеќе финансиски средства за да продолжиме до отворање на дом за групно живеење. Ако може да се реализира такво нешто тоа е мојот идеален сон“, вели Ергин Борова-иницијатор за изградба на Дневен центар за лица со посебни потреби во Струга.

Во Струга повеќе од една година немаше Дневен центар за децата со посебни потреби, овој проект ќе го олесни животот на семејствата со социјален ризик.

„Првично физичките услови се трудевме да бидат достоинствени. Да понудиме центар којшто ќе ги има сите потребни услови за таа група лица од 20 до 25 колку што ние имаме капацитет“, вели Еди Кела, волонтер.

Новиот Дневен центар за деца со посебни потреби ќе обезбеди пристоен живот, едукација и социјализација на децата со развојни или телесни нарушувања.

Соња Рилковска