Градежните работи за изградбата на кејот на реката Вардар сопреа уште првиот ден
Градоначалникот на Велес реагира дека запирањето на изградбата на кеј на река Вардар во Велес е кочница за неговата работа, од надлежната инспекција одговараат дека не се обезбедени сите потребни дозволи. Средствата се обезбедени со проект од ЕУ...

На почетокот на месец ноември во Велес започнаа работите за изградба на кеј на реката Вардар од десната страна. Но по само еден ден тие сопреа. За почеток се чистеше зеленилото од новосоздаден остров, кој се формираше откако се изгради кеј на левата страна на реката. Градоначалникот на Велес Марко Колев, вели дена ова е со цел да се сопре проектот, да не се реализира, откако граѓаните позитивни реагирале на почетокот на работите.
Уредувањето на десната страна од реката Вардар со изградба на кеј, е со средства од проект на ЕУ за меѓу гранична соработка со Грција, во вредност од половина милион евра. Рокот на завршување е месец јуни следната година. Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека по реакција на граѓани извршиле вонреден инспекциски надзор на 4 ти-ноември, при што се констатирани два прекршоци, согласно Законот за води.
„За отпочнување на работите Општина Велес, нема обезбедено водостопанска согласност. До нејзиното издавање од надлежно министерство привремено се забранува понатамошно работење во речното корито. Од досега обезбедената документација потребно е да се достави барање до Министерство за животна средина, за дозвола за уредување и чистење на наносен речен материјал од речно корито. Привремена забрана трае до обезбедување на водостопанска согласност според член 174 и 142 од Закон за води“, стои во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.
Проблем се јави и со уште еден проект финансира од ЕУ, кој е вреден 24 милиони евра, изградба на пречистителна станица за отпадни и атмосферски води од подрачјето на градот Велес. Локацијата каде таа треба да се гради, под вливот на река Бабуна во Вардар, Министерството за земјоделие ја продало за нови насади лозје, па сега се бара нова локација.
Петар Печков
