Собрание

Пендаровски: Не постои начин од Македонец да направиш Бугарин

22.12.2022 12:22

За неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на политичарите, Пендаровски самокритичен во годишното обраќање во македонскиот Парламент. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка, порача шефот на државата...

„Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. За неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, реално најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на политичарите“, претседателот Пендаровски самокритичен во годишното обраќање во македонскиот Парламент.

Недоволното темпо на нашиот економски и социјален развој во транзицијата е последица на неколку внатрешни фактори, но, една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата, истакна шефот на државата.

Осврнувајќи се на отворањето на Уставот, Пендаровски посочи дека не постои начин од Македонец да направиш, како што рече, Бугарин. Тоа се два идентитетски различни кодови, со своја специфична етногенеза. Европската Унија, вели, не смее да дозволи западниот Балкан да го држи во фокусот, само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка.

Резултатите од пописот само ни потврдија дека најголема опасност, по нашата национална безбедност, останува демографијата. Младите да се задржат во земјата и час поскоро, нужно е да се постигне широк консензус и стратегија по ова прашање, кое ќе ја дефинира нашата иднина многу повеќе отколку промената на Уставот, истакна Пендаровски пред пратениците.

Миле Ристески