Македонија

Пресудата од Парискиот арбитражен суд пристигна во Влада, адвокатскиот тим ја анализира

22.12.2022 13:58

Судот со одлуката го преполовил износот на отштетата којашто ја барала грчката компанија, која поднесе тужба против државава за непочитување на обврските од купопродажбата на ОКТА. Во врска со најавите од грчка страна дека овие средства ќе се инвестираат во нафтоводот или продуктоводот Солун-Скопје, владиниот советник за енергетика Виктор Андонов истакна дека за тоа во овој момент не се разговара...

Пресудата од Парискиот арбитражен суд е пристигната во Владата. Адвокатскиот тим ја анализира, по што ќе бидат соопштени дејствијата коишто ќе бидат преземени, изјави владиниот советник за енергетика Виктор Андонов. Тој информира дека судот со одлуката го преполовил износот на отштетата којашто ја барала грчката компанија, која поднесе тужба против државава за непочитување на обврските од купопродажбата на ОКТА.

Во врска со најавите од грчка страна дека овие средства ќе се инвестираат во нафтоводот или продуктоводот Солун-Скопје, Андонов истакна дека за тоа во овој момент не се разговара.

Претпријатието кое стопанисува со нафтоводот Скопје – Солун до Регулаторна комисија за енергетика, поднесе барање за добивање лиценца за повторно да почне со работа. Во ова претпријатие сопственик од 20 отсто е државата преку претпријатието „Нафтовод“, а поголемиот удел од 80 проценти е во сопственост на групацијата Хеленик Петролеум.

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, во чиешто време беше склучен договорот, рече дека ваквата ситуација е настаната поради тоа што Уставниот суд се прогласил за надлежен да раскинува меѓународни договори.

 

Анита Димитријевска Велковска