Туризам

Странските туристи заинтересирани за посета на земјава, но нема доволно сместувачки капацитети

22.12.2022 14:46

Туристичкиот сектор во првите десет месеци стигна до поставената цел, остварени 2,6 милиони ноќевања. Бројките говорат дека Македонија е дестинација за четири сезони, вели директорот на Агенцијата за туризам, Јаневски. Додава дека Македонија како атрактивна туристичка дестинација е возможна само со рамномерен туристички развој...

Македонија е безбедна дестинација, не само за новогодишните празници, туку и во текот на цела година, и покрај тоа што изминативе неколку месеци постоја,но се соочуваме со лажни дојави за поставени бомби, уверува Агенцијата за промоција и поддршка на турзмот. Откако дел од амбасадите испратија предупредувања до нивните граѓани да внимаваат кога престојуваат кај нас, Јаневски преку писма ќе ги смирува да не се грижат.

Има интерес кај странските туристи за посета на земјава, но може да нема сместувачки капацитети. Повеќе хотели се затворени, а многу ресторани се подготвуваат да „стават клуч на врата“ заради поскапувањето на енергенсите. Претседателот на Угостителско-туристичката комора Аркан Керим е песимист дека повторно ќе проработат, а и угостителските работници масовно заминуваат на работа во странство.

„За жал хотелите во Македонија не ги поскапеа цените. Велам за жал, бидејќи пазарот диктира да се покачат. Секаде, во сите дестинации цените на хотелите се поскапени. Ние треба да се договориме и хотелите во Скопје и во Охрид, и во другите градови да направиме универзална цена и минимум до 50% треба да се покачат цените зардади поскапувањето на трошоците за работење“, изјави Аркан Керим, претседател на Угостителско-туристичка комора при ССМ.

Во првите три квартали од 2022 година девизниот прилив од туризмот е 376 милиони долари, за 25% повеќе од 2019-та. 2,6 милиони ноќевања имало во десетте месеци од годинава.

Александра Велинова