Безживотно тело на 16-годишник пронајдено во реката Пена
16-годишно дете од Ново село, Општина Желино, утринава е пронајдено мртво во водите на реката Пена, во пределот кој води кон рекреативното место Бањиче. Момчето уште вчера попладне од неговиот татко бил пријавен дека се оддалечил од неговиот дом со автомобил. Надлежните имаат извршено увид, прибрани се докази за утврдување на причините за смртта...

Седум часа се трагало по момчето во пределот Бањиче на Шарпланинскиот масив, во лоши вечерни временски услови со густа магла.
Во потрагата која започнала пред полноќ, биле вклучени тетовските пожарникари, полициски службеници и семејството на настраданиот.
Најпрвин околу 2 часот по полноќ е пронајдено возилото, со кое момчето се оддалечило од неговиот дом во Ново Село.
Но мртвото тело, бил пронајдено дури утринава пред 7 часот. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош.
„Дежурен јавен обвинител има извршено увид. По наредба на Јавен обвинител, телото е дадено на обдукција Издадена е наредба за прибирање на сите докази за да се утврдат причините за смртта“, соопштија од Јавното обвинителство.
Годинава од река Пена беа извадени уште две мртви тела. Во јануари 62 годишник од Тетово кој претходно беше пријавен за исчезнат, а во месец мај во реката во долниот дел на градот се удави 6 годишно дете.
Зоран Димовски
