Арсовска во Белград на средба со градоначалникот Шапиќ
Оваа година е 10-годишнина од договорот за партнерство меѓу Скопје и Белград, информираат од Град Скопје
На покана на градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денес е во посета на главниот град на Србија. Оваа година е 10-годишнина од договорот за партнерство меѓу Скопје и Белград, информираат од Град Скопје
Договоривме конкретни проекти за кои верувам дека во следната година ќе имаме сериозна имплементација. Двата града работат интензивно на справување со предизвиците но и на споделување на позитивните практики. На средбата се разговараше на повеќе теми, меѓу кои и превземање на искуства со цел подобрување на јавните услуги како и конкретни активности за кои се договори оформување работни тела со претставници на двата града. Заедно со градоначалникот Шапиќ, договоривме и конкретна соработка на проекти од заеднички интерес. - истакна Арсовска.
Белградскиот градоначалник доби покана да го посети градот Скопје и истакна дека во двата града живеат братски народи.
„Нашите два града се братски градови, и пред формалното збратимување во 2012 година. Наша обврска е да ги зајакнеме овие односи. Токму близината помеѓу нашите два народи треба да ни помогне да ја интензивираме нашата соработка“, рече Шапиќ.
Тој додаде и дека токму овој близок однос помеѓу Скопје и Белград ја прави полесна и соработката.
Од сето ова треба да извлечеме бенефит и да ги искористиме искуствата на Скопје, а тие да искористат некои наши искуства и на тој начин да си помогнеме, истакна Шапиќ.
