Македонија

Во земјава речиси да не се спроведуваат „зелени“ јавни набавки

22.12.2022 16:47

Закони имаме, ама во практика, во земјава речиси и дека не се спроведуваат „зелени“ јавни набавки. Институциите не ги почитуваат мерките на Владата, набавуваат вода во пластични шишиња, користат нееколошки автомобили, предупреди Центарот за граѓански комуникации. Годишно преку јавни набавки се трошат милијарда евра, па, ако се има волја, ова може да се претвори во инструмент за подобрување на квалитетот на животната средина …

Многу зелени планови, малку зелени набавки. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажало дека иако Законот за јавни набавки, согласно директивите не само што го овозможува туку и го поттикнува зеленото купување, кај нас тој концепт е непознат и не се применува. На пример, иако владата уште пред две години на седница одлучила да се набавува вода во стаклени шишиња, наместо во пластична амбалажа, истражувањето покажало дека во праксата околу 90% од водата што се купува и натаму е во пластика.

Владата во 2021 година донесе заклучок за набавка на „еколошки возила“, но тоа не ја спречи да продолжи да набавува возила на дизел, вклучувајќи ги и 45-те возила земени на лизинг за потребите на министрите и на други високи функционери.

Во едногодишниот период на мониторинг, државните институции на централно и на локално ниво купиле 93.864 тонери во вредност од 3,1 милион евра. Во ниту еден од тендерите не се барало понудувачите да докажат дека ги спроведуваат обврските за проширена одговорност на производителот во однос на управувањето со отпад.

Катерина Топалова