ГЕРМАНСКИ ЕКСПЕРТИ: Изборите во Македонија беа добро организирани и мирни
Изборите во Македонија беа добро организирани и поминаа мирно – оценка на германските експерти за 27-ми април. Според нив, демократски е да се прифатат резултатите такви какви што се.

Пратеникот од германската левица Андреј Хунко, како набљудувач од СЕ лично ги следеше изборите. Смета дека гласањето било мирно и добро организирано .
,,Морам да кажам дека гласањето, според она што го видов, се одвиваше мирно, без проблеми и беше добро организирано. Луѓето, гласачите, како и изборните одбори беа добро информирани и навистина немам никакви забелешки“, вели за ДВ Андреј Хунко.
Парламентарецот од ЦДУ-ЦСУ, Торстен Фрај, пак, кој инаку е известувач за Македонија во пратеничката група на демохристијаните на Меркел, забележува дека од она што непосредно по изборите имал можност да го слушне е дека ОБСЕ немала големи забелешки за текот на неделното гласање.
„Од моја гледна точка обвинувањата за манипулации, посебно од страна на социјалдемократите, треба да набљудуваат трезвено. Од она што јас до сега го знам, не станува збор за сериозни нарушувања кои доколку ги немало би довеле до поинакви изборни резултати. Кон демократријата припаѓа и прифаќање на изборните резултати, онакви какви што се“, коментира за Дојче Веле, Торстен Фрај .
Добриот познавач на Македонија, професорот Хајнц-Јирген Акст оценува дека по изборите нема да има големи промени. Опозицијата своите критики ги пласирала предоцна, вели тој за ДВ. Сега треба да се прифати одлуката на гласачите.
„Фактот дека социјалдемократите не сакаат да ги прифатат изборите, од моја гледна точка, е уште едно сомнително прашање, особено од аспект кога една партија по изборите во кои лошо минала, појаснува дека изборите биле манипулирани?! Доколку социјалдемократите претходно, во изборната кампања, јасно се изјаснеле, меѓународните набљудувачи би биле помалку скептични“, дециден е Акст.
За Филип Мисфледер од ЦДУ/ЦСУ, изборите носат стабилност во Македонија. Потврдата на владата е важна за натамошниот развој на земјата, оцени тој.
„Реизборот на претседателот како и на владата на Република Македонија се важни за стабилноста и натамошниот развој на земјата, која политички и економски денес сѐ уште стои пред големи предизвици”.
Лидија Чакар
