Битола

Костадиновска Стојчевска: Камерниот оркестар на Битола заслужено со статус Национална установа

23.12.2022 09:51

„Битолскиот камерен оркестар заслужено е институционализиран и го доби статусот на Национална установа“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред концертот насловен како „Виена во Битола“...

Со новогодишниот концерт насловен „Виена во Битола“, Камерниот оркестар синоќа го направи сефтето како институционализирана Национална установа. Големите работи што и се случуваат на Битола и тоа како заслужуваат да се слават и не смеат во ниту една околност да се ставаат во негативен контекст, а овој Камерен оркестар одамна го заслужи овој статус по она што досега го покажаа овие музичари порача синоќа министерката за култура.

Преполнетата голема сала на Центарот за култура и одличниот Гала-концерт уште еднаш на дело ги оправдаа епитетите и дамнешните напори за стекнување на овој статус. Посетителите едногласни - ова е оркестар кој донесе свежина и прерасна во еден препознатлив бренд.

„Ние сме од Риека. Оркестарот е прекрасен. Сме имале можност да го гледаме и слушаме, па овојпат сме тука да кажеме честито“.

Инаку како што е познато со одлука на Владата, а на предлог на ресорното министерство деновиве покрај битолскиот Камерен оркестар за нови национални установи се прогласени Музички театар-Тетово и Меморијалниот музеј во Смилево.

Стевче Митревски