МПЦ ги разгледува опциите за обновување на разговорите со СПЦ
Ова претставува нов обид на Македонската црква да седне на иста маса со српските владици кои под влијание на грчката црква не ја признаваат македонската...

Македонската православна црква – Охридска архиепископија ги разгледува сите опции за обновување на разговорите со Српската црква. Македонските владици разговарале на ова тема на последната седница, но се разгледувале и можностите за поголеми контакти и средби со останатите сестрински цркви.
Други детали владиците не соопштуваат. Ова претставува нов обид на Македонската црква да седне на иста маса со српските владици кои под влијание на грчката црква не ја признаваат македонската.
Претходните обиди за разговор беа уценувани со ослободување на Јован Вранишковски од затвор кој во земјава формираше паралелна црква, под српски патронат. Проектот пропадна, а Вранишковски не успеа да собере свои приврзаници.
Во текот на изминатите години МПЦ и СПЦ се однесуваа во стилот на топло-ладно околу продолжување на разговорите за афтокефалноста на Македонската црква. Нишкиот договор од 2002-та пропадна откако србите понудија афтономија што за МПЦ не беше прифатливо и значеше чекор назад во самостојноста односно афтокефалноста на МОЦ- Охридска архиепископија.
Во изминативе години имаше и обиди за посредништво како од Руската црква така и од политичките елити на Македонија и Србија, но конкретни разговори меѓу црквите не се случија.
Неофицијално писмо со добри намери синодот на МПЦ- ќе испрати до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, до рускиот Кирил и до српскиот Иринеј. Македонската црква ја зајакнува дипломатијата, за која велеше дека се одвива, но дека не е се за во јавност.
Миле А. Ристески
