Руската Федерација ги претстави сенаторите на анектираните територии
Советот на Руската Федерација ги претстави сенаторите кои ќе ги претставуваат Доњецката и Луганската Народна Република, Запорожје и Керсон. По посетата на Белата Куќа, украинскиот претседател Зеленски доби ветување за дополнителна помош од САД. Москва обвинува за продлабочување на конфликтот. Од Кремљ велат дека засега нема најави за организирање разговори меѓу претседателите Путин и Бајден…

Осум месеци откако Мариупол падна во рацете на Русија, Москва ги искоренува сите остатоци од Украина. Историскиот драмски театар сега ќе биде срцето на градот, според рускиот главен план. Театарот служеше како засолниште во време двата руски воздушни напади во март, кога загинаа стотици луѓе. Советот на Руската Федерација ги претстави сенаторите од новоприпоените територии, кои ќе ги претставуваат Доњецката и Луганската Народна Република, Запорожје и Керсон.
„Ги поздравуваме жителите кои осум години храбро ја бранеа својата земја и го задржаа правото да го зачуваат својот јазик, историја, култура и покрај постојаното гранатирање, саботажа, терористички напади, економска и социјална блокада. На референдум го остварија своето право, да се вратат во својата татковина-во Русија“, изјави Валентина Матвијенко, претседателка на Советот на Руската Федерација.
По посетата на Белата Куќа, украинскиот претседател Зеленски доби ветување за дополнителна помош од САД. Москва пак, обвинува за продлабочување на конфликтот. Од Кремљ, велат дека засега нема најави за организирање разговори меѓу Путин и Бајден.
„Нема прелиминарни контакти во врска со ова. Секако, секој конфликт завршува на преговарачка маса. Пред сè, зборуваме за брзо завршување на специјалната воена операција преку постигнување на целите, што Руската Федерација си ги поставува“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинскиот претседател, од Киев, порача дека земјата оди кон победа.
„Ви посакувам на сите добро здравје. Слушате дека телефоните веќе работат овде. Јас сум во канцеларија. Работиме кон победа. Добар ден на сите, ќе надминеме сè“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, чеченските борци кои се борат на страната на Украина, за првпат дозволија пристап до базата, во близина на линијата на фронтот во опколениот град Бахмут во Донбас. Кога војната ќе заврши, тие велат дека ќе продолжат да се борат против Русија, надевајќи се дека ќе ја урнат. Од распадот на Советскиот Сојуз, Чеченците се борат за независна држава. Русија ги порази по победата во првата чеченска војна, а потоа Путин на власт го стави Рамзан Кадиров.
Маријана Димовска
