Македонија

ЗК: Економијата е „на колена“, а ние размислуваме за даноци

23.12.2022 14:02

Економијата „падна на колена“, а ние размислуваме за даночни реформи, велат од Занаетчиската комора на Македонија, реагирајќи на предложените измени на Законот за данок на добивка. Занаетчиите велат нема да можат да го издржат и овој удар, и голем број ќе ги затворат своите фирми. Воедно ќе се поттикне и сивата економија...

Занаетчиската комора на Македонија реагира на предложените измени на Законот за данок на добивка. Од Комората укажуваат дека микро, малите и занаетчиските дејности нема да можат да ги испорачаат давачките кон институциите. Предупредуваат дека со вака предложениот закон ќе се поттикне сивата економија, но и затворање на фирмите, кои и така се погодени од здравствената, па енергетската криза, Законот за недела неработен ден.

„Буквално бизнисот економијата во Македонија падна на колена, народски кажано бидејќи не може и нема капацитети да ги издржи овие редици кризи. Како комора не сме против даноци, напротив ние се бориме за сузбивање на сивата економија, формализација на дејностите за активно учество на сите занаетчии во полнење на буџетот на земјава“, истакна Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на Македонија.

Од Комората бараат даночно олеснување, односно паушално оданочените занаетчии да имаат 50 проценти помалку данок во однос на лани.

„Ние се плашиме дека законот ќе иницира сива економија и ќе ни донесе за голем дел да се затворат. Можеби данокот нема да биде толку голем за да се плати, но зошто во овој период кога може да се остави за потоа, додека се лекува економијата која е на многу ниско ниво во државата“, дополни тој.

Од Комората нагласуваат дека ќе поднесат свои предлози за даночни реформи.

Елена Георгиевска