Попова Шапка се подготвува за скијачката сезона

26.11.2013 15:52

На Попова Шапка веќе наврнаа 30-тина сантиметри снег

 Во зависност од интензитетот на врнежите и квалитетот на снежната покривка, наскоро се очекува патеките да бидат подготвени и официјално да започне скијачката сезона.

Попова Шапка блесна со својата зимска убавина. Снегот паѓа веќе втор ден и е создадена покривка од 30-тина сантиметри. Ратраците веќе се раздвижени, па наскоро се очекува патеките да бидат подготвени за скијање.

Снегот веднаш ги привлече љубителите на зимската идила во викенд населбата, но и во сместувачките капацитети.

Угостителите се подготвени за пречек на туристите. Oчекуваат nајмногу посетители од земјава, Косово и Албанија, но и од повеќе европски земји.

Попова Шапка е лесно достапна за туристите, бидејќи е меѓу реките скијачки центри во Европа што е одалечен помалку од час и половина од аеродром.

Патот кон Шапка беше чист и прооден па немавме потешкотии при движењето. Кога слеговме од Шара веќе и Тетово побелело. Покривите ги прекри првиот снег.

Зоран Јованоски