Статистика

Исчезнуваат стотици места од демографската карта

23.12.2022 17:05

Младите сè повеќе купуваат билет во еден правец. Ја напуштаат земјава. Македонија старее, белата чума ја диктира економскиот развој. Исчезнуваат стотици места од демографската карта...

Земјава старее- во над 205 населени места, главно рурални, веќе нема жители, а 218 се на работ на изумирање, покажаа статистичките податоци од последниот попис. Првиот човек на статистика, Симовски за МТВ вели дека главната причина последните три децении е иселувањето од помалите места во големите градови и, пред сè во странство. Родните места ги напушта најучениот кадар, и тоа е дополнителен проблем. Поради иселувањето се намалува наталитетот и се зголемува морталитетот. Иако се очекувало, дури ни во Скопје нема зголемување на бројките, вели Симовски.

Најмлади се општините Аеродром и Ѓорче Петров бидејќи населбите се шират со населување на млади луѓе кои создаваат семејства, наспроти Центар каде нема простор за вакви процеси. Симовски вели дека следуваат проекции на населението за период од 50- 100 години, не со цел да се согледаат последиците од делувањето на демографските фактори, туку какви консеквенции може да очекуваме доколку продолжи иселувањето или пак дојде до доселувања во земјата.

Според објавената пописна слика, над 680 населени места се со помалку од 100 жители, а најмногу младо население на возраст до 14 години, освен во Аеродром, има и во Чаир, Куманово и Тетово. Население со над 85 години, освен во Центар има во Карпош, Битола, Прилеп, Велес и во Охрид.

Фиљана Кока