300 нови работни места во „ЕјџТекГруп“
Компанијата потпиша договор со Владата според Законот за контрола на државна помош за петгодишен инвестициски проект започнат во јуни 2021 година, со вредност од 4,5 милиони евра.

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања и координација на економските политики Фатмир Битиќи ја посетија компанијата ЕјџТек Груп (HTEC), каде ќе се отворат 300 нови работни места во државата. Компанијата потпиша договор со Владата според Законот за контрола на државна помош за петгодишен инвестициски проект започнат во јуни 2021 година, со вредност од 4,5 милиони евра.
„Наша цел е да создадеме услови по светски терк неопходни за непречено функционирање на компаниите без разлика дали тоа се странски инвеститори или домашни. Со отворање на вакви работни места им нудиме перспектива на младите, да останат да работат и да инвестираат со труд и знаење во сопствената држава, и во исто време да бидат европски платени“, рече премиерот Ковачевски.
Вицепремиерот Битиќи ја истакна важноста од поддршката за компаниите за отворање нови добро платени работни места.
„Оваа година поддржуваме рекордни 417 компании, а секоја година го зголемуваме и буџетот за поддршка, оваа година ќе бидат исплатени 1,7 милијарди денари. Со моето доаѓање на оваа позиција во 2020 година, за прв пат и покрај ковид кризата, имавме 100% исплата на државната помош и продолжуваме и оваа година, како и минатата година, што ја потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да продолжиме да ги поддржуваме“, рече Битиќи.
Од компанијата нагласија дека продолжуваат со амбициозните планови за инвестиции во регионот на Југоисточна Европа.
