Парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има, уверува Ковачевски
Нови подзаконски акти за набавка на природен гас. Целта е демонополизација на пазарот. Енергенсот го има доволно, тврдат надлежните. Отфрлена поврзаноста со компаниите блиски до власта…

Парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има, уверува премиерот Ковачевски, откако „Макпетрол“ најави дека ќе прекине со испорака од 1-ви јануари. Ковачевски апелираше на одговорно однесување, оти вели, од уцени немаат придобивка ниту граѓаните, ниту компаниите. Информираше дека веќе има заинтересирани снабдувачи со гас.
Од „Макпетрол“ велат дека не уценуваат, туку нивната одлука да не увезуваат гас од 1-ви јануари е резултат на избрзаната промена на правилата на пазарот, за да се избегнат загуби и долгови.
И првиот човек на Регулаторна, Бислимовски со став дека од 1-ви јануари природен гас ќе има, зашто најголемиот потрошувач ТЕ-ТО за наредната година веќе ги има обезбедено потребните количини.
Целта на подзаконските акти за либерализација на пазарот на природен гас е најскоро да се обезбеди начин и можност да се снабдува државата со природен гас од повеќе извори, велат од НЕР. Директорот Реџепи ги отфрла обвинувањата дека се фаворизираат компании блиски до партиите на власт.
РКЕ има издадено околу 12 лиценци за трговија и снабдување со природен гас. Новата регулатива предвидува казни за оние кои ќе ја надминат предвидената потрошувачка.
Викторија Милевска
