Франција

Хаос на улиците во Париз по убиството на тројца Курди

24.12.2022 13:33

Нереди на улиците на Париз. Полицијата се судри со припадниците на курдската заедница по престрелката во која загинаа тројца нивни сонародници. Според лидерите на Демократскиот совет на Курдите во Франција, нема сомнеж дека турските власти стојат зад нападот на нивни членови на заедницата...

Нереди во Париз по убиството на три лица пред курдскиот културен центар. Со слогани против турската влада, две илјади демонстранти-Курди излегоа на улиците во француската престолнина. Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата која фрлаше предмети и ја запали заштитната барикада. Според лидерите на Демократскиот совет на Курдите во Франција, нема сомнеж дека турските власти стојат зад нападот на нивни членови на заедницата.

„Знаеме дека ова е политички, терористички напад. Се е оркестрирано од турските власти. Нема сомнеж дека турските власти стојат зад овие напади. Француско-курдската заедница е лута и се плаши“, изјави Агит Полат, портпарол на Демократскиот совет на Курдите во Франција.

„Чудно е што во оваа париска улица има десетици различни етникуми, но случајно напаѓачот влегува во курдскиот центар“, вели Бериван Фират, портпарол на Демократскиот совет на Курдите во Франција.

Францускиот министер за внатрешни работи претходно изјави дека вооружениот напаѓач бил насочен кон странци, но ненужно Курди.

„Обвинителот и истрагата ќе треба да откријат дали Курдите биле конкретно цел. Убиецот им беше познат на нашите судски служби, но не е наведен како член на екстремно десничарските движења, или како екстремист“, Жералд Дарманин, министер за внатрешни работи на Франција.

Париското обвинителство отвори истрага за убиство и обид за убиство. Според првичните податоци, уапсениот осомничен неодамна бил ослободен од затвор откако нападнал мигранти. Инспекторите размислуваат за можен расистички мотив за пукањето.

„Истрагата ќе продолжи. Она што можам да го кажам е дека лицето веќе им е познато на властите“, изјави јавениот обвинител, Лоре Бекуа.

Во 2013 година, три жени курдски активистки, меѓу кои и основач на Курдистанската работничка партија беа пронајдени застрелани во курдски центар во Париз. За нивното убиство е обвинет турски државјанин. Турската армија се бори против курдските милитанти поврзани со забранетата ПКК, во југоисточна Турција, како и во северен Ирак, а неодамна започна серија напади од воздух против цели на сириските Курди во северна Сирија. ПКК се смета за терористичка организација во Турција, Европа и САД.

Маријана Димовска