Енергетика

ВМРО-ДПМНЕ обвинува, се купува гас за двојно повисока цена

24.12.2022 16:01

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ ја одбил помошта за набавка на гас по цена од 850 евра, а од почетокот на грејната сезона е купуван по цена од 1560 евра. Од ЕСМ велат дека фирмата предложена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, никогаш не дала комплетна понуда за испорака на природен гас...

СДСМ ја одби помошта за набавка на гас по цена од 850 евра, а од почетокот на грејната сезона е купуван по цена од 1.560 евра, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму се децидни – позицијата која ја понудила партијата како помош за набавка на поевтин гас од берзанските цени, доставила до АД ЕСМ конкретен договор кој бил потпишан, а потоа и Анекс 1 на договорот, во кој е прецизирана цената пресметана и во Нм3 и во мегават часови, тоа е процедура за набавка на гас според европска пракса, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Цената понудена од контактот, даден од ВМРО-ДПМНЕ, е за неколку стотина евра пониска од берзанската, посочуваат во опозициската партија.

АД ЕСМ во своето соопштение тврди дека фирмата за набавка на гас која ја понудиле од ВМРО-ДПМНЕ никогаш не доставила комплетна документација. Со фирмата беше потпишан само првичен EFET договор, а кој е невалиден без конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкарска гаранција, наведуваат од АД ЕСМ.

Во АД ЕСМ сметаат дека е недозволиво високи партиски функционери од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, одвоила време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер, посочуваат во дописот АД ЕСМ.

Игор Панов