Со програма за најмладите, почна новогодишната „Зимска приказна“ во Битола
Започна осумдневната новогодишна „Зимска приказна“ во Битола. Шеесет и два настана на три локации во градот. По традиција, на сцените, првите забави за најмладите...

Со скромно новогодишно руво, но со долга и обемна забавна „зимска приказна“ старата дама, Битола, ги одбројува последните денови од старата година.
По традиција, на сцените, првите забави за најмладите. Родителите, бабите и дедовците остануваат најверната публика. Инспирацијата дополнително ја подига и присуството на најомилениот старец на светот.
Актуелните кризи овојпат носат нови моменти. Иако цената за дочек е околу 1.500 денари, угостителите велат засега интересот е слаб. Од битолските туристички агенции, велат, мал е бојот на оние што ќе бидат дел од единствената тура за Италија. Во вакви услови повозрасните велат, ќе се потпрат на семејните вредности.
Младите тешко ги издаваат љубовните желби. Останатите во Новата да има подобар просперитет.
Иако моќта на новогодишната магија е силна и може да донесе измени во одлуките, каде ќе се дочека Новата година, едно е сигурно, најмасовно ќе биде на организираниот дочек на платото на Офицерскиот дом, каде е предвидена богата забавна програма со познати естрадни уметници.
Стевче Митревски
