Свет

Папата Франциск повика на скромност и грижа за ранливите

25.12.2022 10:36

Католичките верници го чествуваат, најсветиот празник во христијанството, Божиќ. Со молитви и желби за мир и благосостојба илјадници христијани го празнуваат христовото раѓање...

Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според грегоријанскиот календар, го одбележуваат Раѓањето Христово – Божиќ. На полноќната божиќна миса, папата Франциск предупреди дека две илјади години по раѓањето на Христос, ризикуваме повеќе да не го знаеме вистинското значење на Божиќ. Меѓу украсите, подароците и најмногу од сè, пленот на нашата алчност за консумирање, можеби ќе заборавиме дека Бог избра да се роди во јасли, избра да се роди сиромашен, покажувајќи каде треба да се најде вистинското богатство во животот, рече папата на божиќната миса.

„Да потсетиме дека не е вистински Божиќ без сиромашните. Исус се родил сиромашен, живеел сиромашен и умрел сиромашен. Тој не зборуваше толку за сиромаштијата колку што ја живееше, до самиот крај, заради нас. Од јаслите до крстот. Оној што е роден во јаслите бара конкретна вера, составена од обожавање и милосрдие, а не празни зборови и површност. Да не дозволиме овој Божиќ да помине без да направиме нешто добро“, истакна Папа Франциск

Божиќна полноќна миса се одржа и во Витлеем, во црквата Света Катерина од Александрија, во непосредна близина на базиликата на христовото раѓање. Божиќните туристи и аџиите се вратија во Витлеем, по две години ограничувања за патувања поврзани со Ковид, при што божиќните прослави се одржаа во и околу црквата Рождество Христово.

Ирина Гелевска