Аерозагадување

Скопје меѓу најзагадените градови во светот

25.12.2022 12:27

Градови од Пакистан, Гана, Киргистан, Индија се позагадени од нашата метропола. Најголема аерозагаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат...

Утринава Скопје повторно се најде на листата на најзагадени градови во светот, според мерењето на квалитетот на воздухот. Градови од Пакистан, Гана, Киргистан, Индија се позагадени од нашата метропола. Најголема аерозагаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат.

Според мерењата на „Ај-Кју Ер“, освен во Скопје, големо загадување има и во Кочани, Гостивар, Кавадарци и Куманово.

Поради високата концентрација на ПМ-10 честички кое трае веќе три дена, како во Скопје, така и во неколку други градови, на сила стапија препораки за намалување на аерозагадувањето. Се ослободуваат од работа хронично болните. Работодавачите мора да го реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено. Се реорганизираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено. Инсталациите што поседуваат „А“ дозвола, да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 насто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти.

Освен во градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, од денеска овие мерки и препораки стапија во сила и во Гостивар.