Вевчанка, седум децении изработува етно ракотворби
Љубица Лешоска од Вевчани е чувар на вековната традиција. Со своите вешти раце создала илјадници уникатни дела. Денес за нејзините ракотворби се заинтересирани само туристите...

Осумдесет и две годишната Љубица Лешоска од Вевчани – чувар на вековната традиција, повеќе од седум децении изработува етно ракотворби. Ткае, плете, везе, шие со своите вешти раце и нишките на стариот разбој создала илјадници уникатни дела дел од македонското културно богатство.
Ги оживува старите народни носии со автентични мотиви, со кои културно уметничките друштва ја претставуваат нашата земја ширум светот.
За разлика од минатото денес е мал интересот за купување ракотворби, таа успева да продаде на туристите кои се воодушевуваат и повеќе ги ценат рачните изработки.
„Јас произведувам уште од мала, ако ти кажам од колку години ќе се чудиш, од седум години. Имам работено за културно уметнички друштва за Танец, за Китка од Скопје. Има странци купуваат има многу заинтересирани луѓе“, вели Љубица Лешоска, изработувач на ракотворби
Баба Љубица, нема наследници, кои ќе ја продолжат традицијата. Има внуки, но немале интерес да го учат занаетот, кој бара многу трпение, љубов и креативност.
„Секој сака пари, а не сака да работи. Труд треба да се вложи многу ама ако имаш волја трудот не е ништо. Само волјата работи“, додава Лешоска.
Етно ракотворбите се слика на богатиот национален живот проткаен со многу емоции низ вековите, одраз на сите страдања, болки и радости и токму затоа е потребна поголема грижа за нивно зачувување и промоција.
Соња Рилковска
