Македонија

Домот на пионери во Куманово со години запуштен и оставен да пропаѓа

25.12.2022 13:43

Центарот за детско творештво во Куманово, место кое во минатото го посетуваат над 1.000 дечиња, полно е со смет. Премиерот Ковачевски, кој детството го поминал во објект, вели дека ваквите културни установи во државата, треба повторно да се стават во функција на младите...

Некогашниот Центар за детско творештво, меѓу кумановци познат како Дом на пионери, во минатото, дневно го посетувале по 1.000 дечиња. Денес објектот кој е во самиот центар на градот, нема никаква намена. Целосно руиниран, полн со смет, често е сврталиште на бездомници. Го нема џагорот на дечињата кои посетуваа секции за фолклор, танц, новинарство и други дејности.

Просторот кој стои неискористен има три ката, училници, канцеларии, сали за вежбање и приредби. Кумановци низа години бараат уредување на ова некогашно културно катче за најмалите.

Детството во овој објект го поминал и премиерот Ковачевски, кој укажува дека Пионерскиот дом во Куманово, како и сличните културни установи во државата треба повторно да се стават во функција на младите.

Во 2018-та година, дел од објектот беше пренаменет и адаптиран за детска градинка.

Елена Георгиевска