Украина ќе ја врати слободата, божиќна порака на претседателот Зеленски
Божик во време на војна. Операта во Киев, под земја организираше концерт. Украинците си посакуваат мир и малку среќа. Земјата ќе ја врати слободата, охрабрува претседателот Зеленски. Москва сака да преговара за Украина, но Киев и Западот одбиваат, изјави рускиот претседател Путин. Москва се обидува да избегне одговорност, тврдат украинските власти. Во меѓувреме, на фронтот се водат жестоки битки…

Голем дел од Украинците слават Божиќ како повеќето земји во Европа откако му свртеа грб на стариот календар. Додека војната во Украина одбележува 10 месеци, на Бадник, Киевската опера одржа божиќен концерт. Од безбедносни причини и за да се избегне прекин од сирените за воздушни напади кои речиси секојдневно одѕвонуваат во главниот град, настанот се одржа под земја.
„И покрај војната, малку среќа Сакаме да бидеме среќни. Животот продолжува, па ни требаат и некои позитивни емоции“, вели Евхенија Молчанова, жител на Киев.
Мариупол падна во руски раце пред осум месеци. 20-метарска елка осамна на централниот плоштад. Властите назначени од Кремљ, велат дека оваа година нема да има масовни празнични прослави.
„Сакам само мир и тоа е тоа. Сакам сите да живеат во мир, бидејќи сите имаат деца и штета е што дојдовме во ваква ситуација. Сакам животот да се врати“, вели Викторија, жител на Мариупол.
„Ја фотографирав ќерка ми за да покажам дека овде се подготвуваат за празниците. Веројатно сакаат да им го одвлечат вниманието на луѓето, да ги олеснат работите. Но, мислам дека сите не се расположени“, рече Наталија, жител на Мариупол.
Рускиот претседател Путин, во интервју за државната телевизија, вели дека Русија е подготвена да преговара со сите страни вклучени во војната во Украина, но Киев и западните поддржувачи одбиваат преговори. Очигледно е дека Русија не сака преговори, туку се обидува да избегне одговорност, вели Подољак, советникот на украинскиот претседател.
И покрај празниците, не запираат битките. Интензивни борби се водат во Бахмут, Донбас, се бројат загинати и повредени во Херсон. Во источниот дел, во Харков, руските војници се обидувале да ја преминат украинската граница, тврдат украинските власти. Москва негира дека намерно напаѓа цивилни цели.
„Времето ни е малку пречка, како што можете да видите, магла и снег. Опремата е малку тешка. Но верувајте ми, во блиска иднина целата територија ќе биде ослободена. Нема да дозволиме овој непријател повторно да ја премине нашата гранична линија“, порача Серхиј Мелник, командант на гарнизонот Харков.
„Ниту еден дрон-камиказа не може да ја изгасне Божиќната ѕвезда. Ќе го видиме нејзиниот сјај дури и под земја, во засолниште за бомби. Нашата борба ќе продолжи со несмалено темпо“. Претседателот Зеленски во божикната порака ги охрабри граѓаните дека ќе ја вратат слободата. Потсети дека немаат пристап до електричната енергија, телефон и интернет.
Маријана Димовска
