Тетово

Владата одвои средства за изградба на патот до село Луковица

25.12.2022 16:32

Ќе се гради пат за Луковица, единственото село во западна Македонија до кое наместо по асфалт, мора да се оди по земја и камења. Парите за изградба на патот ги одвои владата, откако од Општина Желино под кое припаѓа ова село, неодамна изјавија дека Луковица не им е приоритет...

Патот до село Луковица ќе започне да се гради напролет. Парите се обезбедени од Владата, откако месната заедница повеќе од 30 години, талкаше и молеше по институциите да постави асфалт на делницата долга 5 километри.

Се работи за 15 милиони денари, средства од Буџетот на Владата за 2022-ра година, од потпрограмата 20 за сообраќај и комуникации.

По локалниот пат, од место наречено Крстец до село Луковица, возилата возат по кал, земја и камења, причина поради која голем број од мештаните се иселиле, а дел од нив ги напуштиле сточарските гранки, кои ги основале во селото и солидно егзистирале. Со патот се надеваат дека селото ќе заживее

Луковица е единственото село во западна Македонија, до кое нема асфалтиран пат.

Зоран Димовски