Институтот за белодробни заболувања, преполн со деца заболени од вирусни инфекции
И Гостивар, по Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица во црвената зона на загаденост на воздухот. Главниот град е високо и на светските листи на аерозагадување. Во Институтот за белодробни заболувања – Козле, се бара кревет повеќе. Штетните честички дополнителнои ги комплицираат вирусните инфекции кои ги напаѓаат белите дробови...

Едно дете се испишува, а веќе во следниот момент се хоспитализира други. Институтот за белодробни заболувања е преполн со дечиња болни од вирусни инфекции, кои ги напаѓаат белите дробови. Најмалиот пациент е бебе старо шест недели, кое со уште две други дечиња се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. Се бара кревет повеќе, бидејќи сите 60 се полни со пациенти. Доктор Поповска вели, доминира синцицијалниот вирус кој ги зафаќа дишните патишта, најмногу заболени има кај доенчињата и децата кои одат во градинка.
„Тие манифестираат едни долготрајни, исцрпувачки, измачителни кашлици, некогаш се проследени со температура, некогаш можат да бидат и без температура и со свиркање, со отежнато дишење и глад за воздух. Во тој случај кај едно вакво младо доенче е потребна хоспитализација. Во овој период има се поголема бројка во нашиот институт“, вели Мими Поповска, специјалист педијатар во Институтот за белодробни заболувања-Козле.
За викендите во амбулантите на Институтот за белодробни заболувања- Козле, лекарите прегледуваат и по 200 дечиња. Зголемениот број на вирози се должи и на тоа што ги оставивме маските, но дополнителен проблем претставува и аерозагадувањето.
Скопје и денеска е на листата меѓу најзагадени градови во светот. Поради високата концентрација на ПМ честички препораки стигнаа од надлежните институции. Градот останува во црвената зона заедно со Кичево, Кавадарци и Струмица. Од денеска на листата е и Гостивар.
Препораките предвидуваат, бремените жени, постарите од 60 години, како и лицата со астма, прележан инфаркт или мозочен удар да се ослободат од работни обврски. Работното време на отворено да се реорганизира. Да не се организираат спортски и културни манифестации на отворено. Поради големата загаденост на воздухот, владата ги задолжи државните институции да ја намалат употребата на службени возила за 50 проценти и да се ограничи работата на градежните објекти.
Андријана Ѓурческа
