НАТО има незавршена работа на Балканот!
Европа никогаш нема да биде целосна и слободна без интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во НАТО и во Европската Унија, ова е заклучокот од првиот ден на Конференцијата на Атланскиот Совет во Вашингтон, на која присуствуваат министри за надворешни работи и за одбрана од 13 земји членки на Алијансата. На овој најголем собир пред престојниот самит на НАТО, американски високи функционери и министри од земјите членки ја поддржаа Македонија да стане членка на самитот во септември...

НАТО има незавршена работа на Балканот и случајот со Украина е потсетување дека ова мора да се заврши уште на самитот во септември, ова е пораката на Конференцијата во Атлантскиот Совет во Вашингтон.
„Значајна беше пораката и од секретарот Кери, но и од сите други земји членки на Алијансата, особено нашите соседи во Бугарија и Албанија, чии министри за надворешни работи упатија јасна порака дека се посветени да ја остврата целта за Европа, цела и обединета, а за таа цел е значајно и членството на Македонија во Северноатланската Алијанса и во Европската Унија“, изјави Никола Попоски- министер за надворешни работи на Република Македонија.
„Мислам дека е важна политичка одлука, ова е мое мислење и на мојата земја и други земји во регионот, Црна Гора да се покани во членство во септември и да се обидеме да го решиме прашањето за да Република Македонија може исто така да биде поканета и да се приклучи во НАТО“, смета Кристиан Вигенин-министер за надворешни работи на Република Бугарија.
Попоски имаше кратка средба со американскиот државен секретар Џон Кери, кој ја потврдил заложбата на Вашингтон за обновување на визијата за целосна и слободна Европа.
„Поминаа, 15,10 и 5 години од кога НАТО им посака добредојде на нови партнери во ерата по Студената Војна. Како што НАТО се шири како организација, безбедно е да кажам дека со тоа шириме демократија, просперитет и стабилност во Европа“, изјави Џон Кери- американски државен секретар.
Републиканците и Демократите се на иста линија дека ситуацијата со Украина е предупредување и дека проширувањето на НАТО со Македонија и Црна Гора мора да се случи уште во септември.
„Ајде да зборуваме за агресивен план со кој политиката на отворена врата на НАТО би станала вистина“, рече Кристофер Мрфи-сенатор Денократ од Конектикат.
Американски експерти и дипломати оценуваат дека Македонија одамна е подготвена за прием во НАТО, но останува Алијансата да инсистира сите нејзини членки да го почитуваат меѓународното право, вклучувајќи ја Грција на која Меѓународниот суд на правдата и наложи да не го блокира македонското членство во Алијансата.
На конференцијата на Атланскиот Совет во Вашингтон учествуваат министри за надворешни работи и за одбрана од 13 земји членки на НАТО.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
