Србија

Прогласена вонредна состојба поради истекување на амонијакот во Пирот

26.12.2022 12:43

Вонредна состојба во Пирот, лекарска помош побарале над 50 луѓе со симптоми на труење, по истекување и испарување на амонијак од превртен вагон. Концентрацијата во воздухот сè уште висока, апел да не се излегува надвор. Се проверува квалитетот на водата, се прави проценка на ситуацијата...

Еколошка тревога во Пирот откако воз што превезувал цистерни со амонијак се излизгал од шините. Извршените мерења на пет локации денеска не покажаа присуство на амонијак во воздухот, соопшти српскиот министерот за транспорт Весиќ. Градоначалникот на Пирот прогласи вонредна состојба во делови од градот. На жителите им се советува да не излегуваат од своите домови, да не ги отвораат прозорците и да не ги користат клима уредите. Училиштата, градинките и јавните установи се затворени. 50-тина лица се пожалиле дека имаат симптоми на труење. Сите се надвор од животна опасност, соопштуваат здравствените власти. Освен полицијата, на местото на несреќата од изутрината не може да се пријде.

„Прогласивме вонредна состојба на делови од градот на Пирот, поради инцидентот кој се случи, воз кој превезуваше 21 цистерна, од кои 20 биле полни со амонијак, делумно се излизга од шините. Ние засега знаеме дека една или две од цистерните се излизгале од шините и дека најверојатно од една или од двете од нив се излева амонијак“, рече Владан Васиќ, градоначалник на Пирот.

Српското Министерство за животна средина соопшти дека ја следи состојбата на терен и врши постојан мониторинг на моменталната состојба со загадувачките материи. Возот со 21 цистерна, од кои во 20 имало амонијак бил натоварен во Бугарија, речи бугарскиот заменик-министер за транспорт Красимир Папукчиски. Според него, за несреќата нема начин да се бара одговорност од бугарска страна, бидејќи настанот се случил на територијата на Република Србија.

Маја Стојанова