Политика

Власта и опозицијата за уставните измени

26.12.2022 12:47

Поддршката за уставните измени да не се условува со барање за предвремени избори, не функционирам под уцени – премиерот Ковачевски му порача на лидерот на БЕСА, Касами. Од ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за иницијативите што ќе ја урнат актуелната власт, велат избори в година се неминовност...

Не прифаќам условувања и притисоци, тоа е неприфатливо. Повикувам на општествен политички консензус за европскиот пат на државата – вака премиерот Ковачевски го коментира барањето на БЕСА за предвремени избори следната година, како услов да дадат поддршка за уставните измени. Предвремени избори ќе нема, вели шефот на владата, кој посочи дека уставните измени се сериозно државничко прашање оти значат заокружување на процесот и отворање на кластерите во преговорите со Европската унија.

И додека владејачките социјалдемократи не помислуваат на предвремени избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е со став дека поддржува секакви иницијативи кои ќе ја урнат актуелната власт. Потпретседателот на партијата Мисајловски вели дека предвремени избори се неминовност в година, бидејќи состојбите со економијата, корупцијата и криминалот се алармантни.

Лидерот на БЕСА, Касами порача дека нема да дадат поддршка за уставните измени ако нема предвремени избори. Оттаму побараа да се седне на маса и да се направи консензус за клучните прашања.

Миле Ристески