„Циклонска бомба“ во САД и Канада
Над 30 лица загинаа во екстремните студови во снежната бура во САД. Бројот на жртви расте – предупредуваат спасувачките сили и власти. Измерени минусни 40 степени. Особено погоден градот Бафало во државата Њујорк...

Зимската бура што го зафати северноамериканскиот континет, од Канада на север, до Рио Гранде на југ однесе десетици животи. Најголем број жртви има во Бафало – 12, Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо. Речиси 200 илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Илјадници летови беа откажани, спречувајќи многу луѓе да стигнат до своите семејства за Божиќ.
„Нашата државна полиција беше вклучена во преку 500 спасувања. Бројот на починати продолжува да се зголемува. Катастрофална загуба на луѓе како резултат на оваа зимска бура. Исто така, некои луѓе во нивните домови живеат во студ последните 56 часа“, изјави Кети Хочул, гувернер на Њујорк.
Најпогодена со невремето е западната американска држава Монтана, каде температурата се спушти и до 45 степени Целзиусови под нулата. Во Канада, невремето најмногу ги погоди провинциите Онтарио и Квебек.
„Најмладиот починат имаше 26 години. Најстариот беше на возраст од 93 години. Има уште тела кои беа пронајдени, но сè уште не се пренесени во болница за идентификација и констатација на смртта“, речи Марк Полонкарц, извршен директор на округот Ири.
Снежна бура и во Јапонија. Изобилните снежни врнежи однесоа 17 жртви, а повредени се повеќе од 90 луѓе, додека стотици домови останаа без струја. Претставниците за управување со катастрофи велат дека многу делови од североисточна Јапонија имале три пати повеќе снег во споредба со просечните снежни врнежи оваа сезона.
„Чистењето на снегот предизвикува болки во вратот. Морам да се завиткам со ќебе за да се стоплам“, вели жител на градот Монбецу.
Синоптичарите очекуваат невремето да попушти следните неколку дена, но останува советот да се избегнува патување доколку не е апсолутно неопходно.
Маријана Димовска
