Табановце

Пронајдени пари, приведени полицајци

26.12.2022 12:58

Во синоќешната акција на граничниот премин Табановце се уапсени девет лица, меѓу кои и командир, заменик командир и раководител на смена. Спасовски истакна дека лицата се сомничат за злоупотреба на службена положба и поткуп. Акцијата ја водат МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција...

Командир, заменик командир, раководител на смена и шестмина полициски службеници од граничниот премин „Табановце“ се уапсени во акцијата на полицијата и обвинителството. Првиот човек на македонската полиција Спасовски информираше дека тие се сомничат за злоупотреба на службена положба и поткуп.

Претреси биле извршени во нивните домови, а наводно во кабините на граничниот премин биле пронајдени пари во кутии од цигари.

До утрово лицата беа во Кривичниот суд. Негираат вина и тврдат дека парите им биле подметнати.

Станува збор за координирана акција на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Неколкучасовната акција предизвика блокада на преминот. Граѓаните, од кои повеќето пристигнуваат во земјава поради празниците, беа принудени да чекаат од два до три часа.

Обвинителството во текот на денот ќе излезе со повеќе информации.

Елена Георгиевска