Екологија

Скопје се гуши, податоците и мерките доцнат

26.12.2022 15:07

Најголемото аерозагадување е од биомаса – велат од Министерството за екологија. Индустријата според Нуредини е најмал загадувач. Препораките и мерките престануваат да важат за Гостивар, Кичево и Кавадарци. Скопје на листата најзагадени во светот...

Бесплатен јавен превоз. Ова е една од мерките што вообичаено се презема при енормно загадување на воздухот. Сега Министерството за животна средина предлага, но одговор од Град Скопје нема зошто не се спроведуваат предлозите во време кога Скопје се гуши. Градскиот превоз е изретчен до максимум, но и тогаш кога го има, истиот се наплаќа редовно.

Министерот Нуредини вели дека Министерството сè што може е да предложи. Но она што е негова одговорност е навремено да ги известува граѓаните колку пати штетниот воздух ги намалува дозволените вредности. Тие податоци доцнат, оти иако мерните станици се сите во употреба, серверот бил нов, а за обработка и анализа на податоците требало време.

„Се извинуваме затоа што имаме проблем со миграција од стариот сервер на нов сервер. Но тоа не значи дека немаме податоци, имаме податоци, сега ние мануелно ги собираме и ја информираме цела јавност кога има загадување во државата“, изјави министерот Нуредини.

Нови анализи од каде доаѓа најголемото загадување нема. Сè уште важат податоците дека 35-40% од загадувањето доаѓа од биомаса. Сепак, Нуредини појаснува оти тоа не се само домаќинствата.

„Ние зборуваме за загадувањето од биомаса, тука не се само домови туку и објекти кои греат со мазут или нафта. Заради тоа направивме стратегија во владата, направивме промена на греење на училишта, градинки, полициски станици и во болници итн“, изјави Нуредини.

Нуредини делумно спас гледа и во новите мерки објавени од Министерство за економија во кои меѓу другото се предвидува и субвенции за соларни панели.

 

Катерина Топалова