Косово

Продолжуваат тензиите на Косово, српската армија на готовс

27.12.2022 12:16

Тензично на северот на Косово. Српскиот претседател Вучиќ нареди највисок степен на борбена готовност на војската и полицијата. Косовскиот премиер Курти дециден – барикадите ќе бидат отстранети во наредните денови...

Напнатоста на Косово и регионот добива нови, поризични димензии. Борбената готовност на српската армија и полицијата е подигната на максимум. И додека косовските Срби креваат нови барикади, Белград е подготвен за операција на безбедносните сили во Косово.

„До крајот на 2023 година ќе го зголемиме бројот на нашите специјални единици. 5.000 војници ќе бидат подготвени да одговорат на сите промени со кои се соочува нашата земја. Тие 5.000 специјално обучени војници на српската армија ќе бидат најсилната тупаница која ќе ги смачка на парчиња сите оние кои имаат погрешни цели и оние кои сакаат да ја повредат нашата земја и нејзиниот народ“, изјави Милош Вучевиќ, српски министер за одбрана.

„Полицијата и специјалните антитерористички единици се ставаат на располагање на командантот на армијата и заземат позиции кои се ставени во нашиот оперативен план“, рече Братислав Гашиќ, министер за внатрешни работи на Србија.

По состанокот на Советот за безбедност на Косово, властите во Приштина оценуваат дека Владата и институциите не можат да водат дијалог со криминални банди и порачуваат дека слободата на движење мора да се воспостави. Косовскиот премиер Курти во интервју за босански медиум изјави дека барикадите на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија ќе бидат отстранети во наредните неколку денови.

„Ние ја имаме полицијата на север, која е сега поприсутна од кога и да е порано. Но ние имаме и 11 барикади. Овие барикади се нова епизода по онаа првата, во која Србите добија наредба од Белград да ги напуштат сите косовски институции. Тие немаат креативност. Тие не знаат друго освен да ги повторуваат грешките од 90-тите години, кога градеа барикади во Босна и во Хрватска“, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.

Косовските Срби на 10-ти декември поставија барикади кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција. Следуваше и инцидент во близина на базата на мировниците на КФОР кога непознати лица отворија оган. Тамошните Срби не ги признаваат државните институции, додека Косово го попречува формирањето на Зедницата на српски општини.

Маријана Димовска