Киев бара мировен самит, Москва со услови
Секоја војна завршува на дипломатски начин – изјави украинскиот шеф на дипломатијата во интервју за „Асошиејтед прес“. Во меѓувреме, продолжува војната во Украина. Нови руски напади врз Бахмут и Авдијевка...

Киев понуди мировен самит до крајот на февруари, но пред директните мировни разговори со Москва, Русија мора да се соочи со трибуналот за воени злосторства. Секоја војна завршува на дипломатски начин – изјави украинскиот шеф на дипломатијата во интервју за „Асошиејтед прес“.
„ООН би биле најдобро место за одржување на тој самит. Генералниот секретар на ОН се покажа како ефикасен посредник и преговарач, затоа би го поздравиле неговото активно учество. Секоја војна завршува на дипломатски начин. Идејата за мир е двојна. Да не се дозволи Русија да манипулира со прашањето за мирот и редовно да кажува дека е подготвена за преговори, а на бојното поле го докажува спротивното“, изјави Дмитриј Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Генералниот секретар Гутереш е подготвен да посредува, но само во согласност на сите страни, вклучително и руската-велат од неговиот кабинет. Заменик постојаниот претставник на Русија во ООН, Дмитриј Полјански за украинскиот предлог вели дека состанокот е полесно да се одржи без Украина отколку без Русија. На Киев им се добро познати предлозите на Русија за денацификација на Украина, и останува на нив да ги исполнат, во спротивно ќе решава руската војска – изјави шефот на руската дипломатија Лавров.
Во меѓувреме, продолжува војната во Украина. Нови руски напади врз Бахмут и Авдијевка. Ситуацијата во Донбас е особено тешка и болна – оценува украинскиот претседател Зеленски.
„Бахмут, Кремина и други области бараат максимална концентрација на сила. Ситуацијата таму е тешка и болна. Окупаторите ги трошат сите достапни ресурси, а ги има многу, за да напредуваат“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Недостиг на струја е предизвик за речиси 9 милиони луѓе, кои се без греење при температура под нулата. Воведени се рестрикции, вклучувајќи го и Киев.
Руската безбедносна служба соопшти дека е ликвидирана четворочлена украинска диверзантска група која се обидела да влезе во руската област Брјанск на границата со Украина.
Бојана Крстевски
