Охрид

Лажна дојава за бомба во охридскиот ЕМУЦ

27.12.2022 13:44

Во Охрид за прв пат јавноста беше вознемирена по дојавата дека е поставена експлозивна направа во средно училиште. Мета беше Општинскиот Електромашински училиштен центар „Свети Наум Охридски“ поради што првата смена ја напушти наставата, а по проверките од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи е утврдено дека се работи за лажна дојава. Втората смена нормално функционира, иако во близина на училиштето можеа да се забележат припадници на полицијата...

По дојава за поставена бомба во Општинскиот Електромашински училиштен центар „Свети Наум Охридски“ во Охрид учениците и професорите од првата смена беа евакуирани. Според зборовите на директорот Сашо Недески на службениот мејл утрото пристигнала заканувачка порака од непозната адреса со неповрзана содржина како да е преведена од „Гугл транслејт“, од непозната адреса со наслов „ИСИС БАЛКАН“ по што веднаш било информирано Министерството за внатрешни работи.

„Веднаш дојдоа од МВР во нашето училиште, се организира евакуација на учениците и професорите и сите воопшто го напуштивме објектот. Паркинзите се расчистија од возила и со опсежна акција на министерството, припадниците на Министерството за внатрешни работи, пожарникарска служба, Брза помош, значи се постапи по сите правила коишто се за евакуација“, рече Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ Охрид.

Од МВР соопштија дека по преземените мерки на полициските службеници и деталните антитерористички проверки е утврдено дека станува збор за лажна дојава, така што втората смена непречено се одвива.

„Им благодарам на сите служби за нивната ефикасност и брзина, а претходно ние имавме неколку показни вежби од ист тип за евакуација, па со тоа и професорите и учениците веќе беа запознаени за начинот на евакуирање“, рече Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ Охрид.

Во изминатиот период Охрид не беше на листата на градови кои беа вознемирувани на овој начин.

Ова е прва дојава за поставена бомба во охридските училишта што секако ја вознемири охридската јавност, особено сега пред прославата на новогодишните и другите верски празници кои масовно се одбележуваат во Охрид.

Сашо Нелоски