Енергетска криза

Се прават пресметки за новата цена на струјата

27.12.2022 14:53

Првиот блок на РЕК Битола е исклучен од мрежа. Во моментов не работат два од трите блока. Од ЕСМ велат дека во фаза се сервисно- ремонтни активности и од утре постројката ќе работи со целосен капацитет. Во Регулаторната комисија за енергетика се прават пресметки за цената од Нова година. По барањето на МЕПСО за речиси 30 насто повисока цена за пренос на електрична енергија, директорот Муртезани тврди дека нема да има големо влијание на поскапувањето…

Блок еден на РЕК Битола е исклучен од мрежа, се сервисира. За 24 часа постројката ќе биде вратена во целосен капацитет за мрежата по испадот од системот, се огласи ЕСМ. „Снабдувањето со електрична енергија од останатите капацитети на АД ЕСМ продолжува непречено и компанијата не увезува струја за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи“, велат од компанијата.

Сè уште се чека и вградувањето на новиот трансформатор во третиот блок, сега електраната работи со само еден функционален блок. Македонскиот енерегетски систем е одржлив со минимални прифатливи отстапувања, не се очекуваат тешкотии во снабдувањето, и покрај дефектите, тврди првиот човек на МЕПСО. И додека Регулаторна ја крчка новата цена на струјата, Муртезани убедува дека и покрај побараното зголемување од 29,7 насто, нема да има големо влијание на поскапувањето.

Од пролет в година ќе почне да работи и берзата на електрична енергија. Македонија конечно ќе добие референтата цена на струјата, најави Националниот оператор МЕМО. Ќе работи принципот денес за утре, чинењето ќе зависи од понудата и побарувачката. Покрај производителите ќе може да учествуваат и сите снабдувачи и трговци со струја. Се работи на платформата, се чекаат правилата од Регулаторната комисија, интерес пројавиле 20-тина субјекти, вели Шутиноски.

„Во моментот тргувањето во Македонија се случува по билатерален пат и цените по кои се тргува се базираат главно по цените кои се референтни за унгарскиот пазар, односно референтните цени на берзата во Унгарија ХУПЕКС, која е поразлична од онаа цена која би била во Македонија. Зошто велам поразлична? Можеби цената ќе биде иста, но потребите на тој пазар кој се случува во Унгарија и пазарот во Македонија се различни. Различни се времињата на побарувачка и на понуда“, вели Симон Шутиноски, генерален директор на МЕМО.

МЕПСО годинава реализира околу 42,5 насто од инвестицискиот план, велат двојно повеќе од 2021-ва година. За следната година со сопствени средства планира инвестиции во преносната мрежа од 16 милиони евра, најави менаџментот.

Сузана Фиданска Стоевска